Замрзнувањето на храната претставува еден од најпрактичните начини за заштеда на време и намалување на фрлањето намирници, но сепак многу луѓе прават грешки кои можат да влијаат врз вкусот, квалитетот и безбедноста на храната. Иако ниските температури го забавуваат развојот на бактериите, тие не ги уништуваат целосно, па затоа правилното складирање е клучно.
Една од најчестите грешки е оставање на храната предолго на собна температура пред да се стави во замрзнувач. Остатоците од оброк треба да се изладат и да се складираат во рок од еден до два часа, бидејќи бактериите многу брзо се размножуваат во топла средина.
Исто така, не се препорачува топла или жешка храна веднаш да се става во замрзнувач, бидејќи може да ја покачи внатрешната температура и да предизвика делумно одмрзнување на другата храна. Најдобро е храната претходно да се излади и да се подели во помали порции за побрзо и порамномерно ладење.
Друг чест проблем е неправилното пакување. Доколку храната не е добро затворена, доаѓа до сушење на површината и губење на вкусот и текстурата. Затоа се препорачува користење херметички садови или кеси за замрзнување со минимална количина воздух.
Важно е да се напомене дека не сите намирници се погодни за замрзнување. Зелената салата, краставиците и лубеницата по одмрзнување стануваат меки и кашести, додека некои млечни производи ја менуваат структурата и вкусот.
Многумина забораваат да ја означат храната со датум на замрзнување. Иако храната може да остане безбедна подолго време, нејзиниот квалитет со текот на времето опаѓа, па обележувањето помага полесно да се следи рокот и да се избегне непотребно фрлање.
Според експертите, храната никогаш не треба да се одмрзнува на собна температура преку ноќ. Најбезбедни методи се одмрзнување во фрижидер, ладна вода или микробранова печка со функција за одмрзнување.
Иако постојат многу заблуди, правилно замрзнатата храна може да ги зачува витамините и минералите. Сепак, замрзнувачот не е место каде храната може бесконечно да остане свежа. За најдобри резултати, температурата треба да биде околу -18 степени и просторот не треба да биде преполнет за да се обезбеди правилна циркулација на ладниот воздух.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












