Делови од внатрешната обиколница на Солун и вечерва ќе бидат затворени за сообраќај поради градежни активности поврзани со реализацијата на проектот „Flyover Thessaloniki“.
По првото затворање во петокот вечерта, кога од 23 часот до 05 часот наутро беа затворени двата правци на обиколницата, ново ограничување е најавено за вечерва, сабота, 11 јули.
Од 23:00 до 05:00 часот ќе биде затворен правецот кон запад, а сообраќајната полиција ќе врши пренасочување на возилата преку алтернативни сообраќајници низ градот.
Затворањата се дел од градежните активности за проектот „Flyover Thessaloniki“, кој предвидува изградба на 7,54 километри долг надземен експресен пат над постојната источна обиколница. Паралелно со тоа, постојната сообраќајница ќе биде проширена, модернизирана и опремена со нови клучки и дополнителни технички решенија.
Целиот проект опфаќа модернизација на околу 12 километри сообраќајна инфраструктура, со цел намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на безбедноста во вториот по големина град во Грција.
Во четиригодишниот период на изградба, активности ќе се спроведуваат и на источната и на западната регионална сообраќајница на Солун.
Возачите кои вечерва патуваат кон или низ Солун се советуваат однапред да го планираат патувањето и да сметаат на можни забавувања и пренасочувања во сообраќајот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












