Триесет и една година по геноцидот во Сребреница, во Меморијалниот центар Поточари денеска се одржува централната комеморација, на која ќе бидат погребани посмртните останки на десет новоидентификувани жртви.
Меѓу нив е и најмладата жртва, Сенад Јусиќ, кој имал само 20 години кога бил убиен, додека највозрасен е Рамо Даутиќ, роден во 1939 година, кој ќе биде погребан покрај својот брат Јусо.
Со денешната колективна погребна церемонија, бројот на жртвите погребани во Меморијалниот центар Поточари ќе достигне 6.772. Од Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина информираат дека сè уште се трага по околу 900 лица кои се водат како исчезнати.
Комеморацијата се одвива под засилени безбедносни мерки, а за обезбедувањето се ангажирани припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Српска во координација со другите полициски и безбедносни служби во Босна и Херцеговина.
Во пресрет на одбележувањето беше организиран и традиционалниот тридневен „Марш на мирот“, на кој илјадници учесници од земјата и странство ја поминаа трасата по која во јули 1995 година илјадници жители на Сребреница се обидувале да стигнат до безбедна територија по падот на градот.
Сребреница, која тогаш беше прогласена за заштитена зона на Обединетите нации, во јули 1995 година падна под контрола на силите на Војската на Република Српска.
Генералното собрание на Обединетите нации во мај 2024 година ја усвои Резолуцијата со која 11 јули е прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Меѓународниот суд на правдата во Хаг уште во 2007 година пресуди дека во Сребреница бил извршен геноцид.
Според официјалните податоци, во јули 1995 година биле убиени повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња, додека околу 30.000 жени, деца и постари лица биле присилно протерани од областа.
За геноцидот и другите воени злосторства поврзани со Сребреница, досега се осудени повеќе од 50 лица пред меѓународни и домашни судови, меѓу кои и поранешниот претседател на Република Српска Радован Караџиќ и поранешниот командант на Војската на Република Српска Ратко Младиќ, кои издржуваат доживотни затворски казни.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












