Шпанија обезбеди место во полуфиналето на Светското првенство, откако во драматичното четвртфинале во Лос Анџелес ја совлада Белгија со 2:1. „Црвената фурија“ до победата стигна со гол во самиот финиш и сега ја очекува големото полуфинале против Франција.
Избраниците на шпанскиот селектор поведоа во 30. минута. По ударот на Дани Олмо, топката се одби до Фабијан Руиз, кој без двоумење ја испрати во мрежата за водство од 1:0.
Белгија успеа да израмни непосредно пред паузата. Тимоти Кастање испрати прецизен центаршут, а Шарл де Кетеларе со одличен удар со глава го совлада Унаи Симон и ги врати Белгијците во игра.
Во второто полувреме Шпанија имаше поголема иницијатива и создаде повеќе можности за гол, додека Белгија се обидуваше да се закани преку брзи контранапади. Дополнителен проблем за белгискиот состав беше повредата на голманот Тибо Куртоа, кој во 71. минута мораше да го напушти теренот, а на негово место влезе Сене Ламенс.
Кога веќе се очекуваа продолженија, Шпанците го зададоа решавачкиот удар. Во 88. минута Пау Кубарси шутираше од далечина, резервниот голман Ламенс не успеа сигурно да интервенира, а Микел Мерино најдобро се снајде пред голот и ја испрати топката во мрежата за конечни 2:1.
За Мерино ова е втор последователен натпревар во нокаут-фазата на кој го постигнува победничкиот погодок. Во борбата за место во големото финале, Шпанија ќе игра против Франција, која претходно со 2:0 го елиминира Мароко.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












