Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе ја продолжи расправата по поднесените амандмани за Предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година. Седницата е закажана со почеток во 11 часот.
За измените и дополнувањата на Буџетот се доставени вкупно 224 амандмани, од кои најголем дел се поднесени од опозициските партии. ДУИ има поднесено 90 амандмани, СДСМ 78, Левица 51, додека пет амандмани се од коалицијата ВРЕДИ.
Комисијата во изминатите денови веќе разгледа дел од предлозите, а амандманската расправа продолжува и денеска.
Со предложениот ребаланс, вкупните буџетски приходи се планирани на околу 6,17 милијарди евра, што е зголемување од околу 68,3 милиони евра, односно 1,1 процент во однос на првично усвоениот Буџет за 2026 година.
Расходите се предвидени на околу 6,91 милијарди евра. Во рамки на измените се обезбедени дополнителни средства за капитални инвестиции, за кои се планирани околу 748 милиони евра, што претставува раст од околу 94,3 милиони евра или 14,5 проценти во споредба со првичниот план.
Според владините проекции, со ребалансот се очекува економски раст од 3,5 проценти, инфлација од 4,5 проценти и буџетски дефицит од 4,1 процент од бруто-домашниот производ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












