Патувањето кон грчките летувалишта ова лето за многу македонски туристи започнува со долги колони, нервоза и повеќечасовни чекања на граничните премини. Новите дигитални проверки што Европската Унија ги воведе на влез во Шенген-зоната веќе создаваат сериозен метеж на премините меѓу Македонија и Грција, особено на Евзони и Дојрани.
Во изминатите денови, голем број патници сведочеа за долги задржувања и бавно движење на колоните, а дел од нив чекале и по неколку часа за влез во Грција. Причината е активирањето на новиот систем EES (Entry/Exit System), преку кој Европската Унија воведува дигитална регистрација за државјани од земји кои не се членки на ЕУ и Шенген.
Наместо класична пасошка контрола, при првото влегување во ЕУ патниците сега се фотографираат, им се земаат отпечатоци од прсти и се врши детална електронска регистрација на нивните податоци. Европските власти објаснуваат дека системот има цел да ја зајакне безбедноста и контролата на престојот на странските државјани.
Но, новите процедури значително го забавуваат протокот на возила, особено во период кога илјадници туристи секојдневно патуваат кон грчките плажи.
Грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, потврди дека до грчките власти веќе пристигнале реакции и поплаки од Македонија и Србија поради огромните гужви и чекања на границите. Сепак, тој нагласи дека Грција е обврзана да ги спроведува европските безбедносни правила.
Дополнителен проблем претставува и недоволната инфраструктура на дел од граничните премини. Според грчките медиуми, недостигаат дополнителни ленти, простор за возила, техничка опрема и доволен број службеници за брза обработка на патниците.
Се предупредува дека ситуацијата може уште повеќе да се влоши во јули и август, кога започнува шпицот на туристичката сезона и кога сообраќајот кон Халкидики, Солун и останатите летувалишта традиционално е најголем.
Поради тоа, дел од туристите од Балканот веќе размислуваат за алтернативни рути преку Бугарија, со цел да ги избегнат најголемите гужви на граничните премини со Грција.
За македонските граѓани ова значи дека летувањето во Грција оваа сезона ќе бара повеќе трпение, порано тргнување и подолги задржувања на граница.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












