Следната сабота започнува полагањето на екстерните испити од матурата за повеќе од 14.500 матуранти кои го завршуваат средното образование во учебната 2025/2026 година. Оваа година за првпат целосно ќе се применуваат измените во Законот за средното образование, со кои учениците ќе полагаат три различни типа матурски испити – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Според податоците на Државниот испитен центар, вкупно 14.587 ученици се пријавени за полагање. Од нив, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 ученици се пријавиле за државна стручна матура, а 127 кандидати за државна уметничка матура.
Гимназиските ученици полагаат исклучиво државна матура, а годинава се пријавени 5.713 кандидати. Учениците од стручните и уметничките училишта имаат можност да избираат помеѓу државна матура и стручна, односно уметничка матура.
Од Државниот испитен центар информираат дека за секој тип матура се подготвени посебни испитни програми и тестови, кои се базираат на наставните програми што учениците ги изучувале во текот на четиригодишното образование.
Директорката на ДИЦ, Даниела Јовчевска-Михајловска, изјави дека подготовките се одвиваат според предвидената динамика и дека институцијата е подготвена за спроведување на новиот модел на матура.
„Целта е сите ученици да имаат еднакви услови и фер полагање. Организацијата бара поголем ангажман, но Државниот испитен центар е подготвен за овој предизвик“, изјави таа.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












