Вчера околу 19:10 часот, од страна на Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции, од слобода бил лишен 24-годишниот М.И. од Куманово.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека акцијата се случила на автопатот во правец од Граничниот премин Табановце кон Куманово, каде што било сопрено патничко возило „Фиат“ со кумановски регистарски таблички, управувано од осомничениот.
При детална контрола на возилото, полициските службеници пронашле неколку пакувања со бела прашкаста материја. Сомнителната материја е одземена и дадена на понатамошно вештачење за утврдување на нејзиниот состав.
Дополнително, при проверките било утврдено дека лицето во моментот издржувало затворска казна и се наоѓало на привремен прекин од издржување на казната, односно на таканаречена пауза.
Од МВР наведуваат дека за случајот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












