Македонската фудбалска репрезентација утре во Сараево ќе го одигра пријателскиот натпревар против Босна и Херцеговина, а пред дуелот пред медиумите се обрати голманот Столе Димитриевски, кој порача дека атмосферата во националниот тим е одлична и покрај бројните промени во составот.
Искусниот чувар на мрежата истакна дека Македонија е максимално подготвена за натпреварот и дека тимот сака да одигра квалитетно и во нападот и во одбраната.
„До претходниот натпревар секое мое присуство на прес-конференција значеше чиста мрежа. Се надевам дека ќе продолжиме во тој ритам. Подготвени сме за Босна и сакаме да одиграме добар натпревар во сите сегменти“, изјави Димитриевски.
Тој додаде дека се чувствува во одлична форма и верува дека моментално ги живее најдобрите денови од својата кариера.
„Кај голманите зрелоста доаѓа малку подоцна. Се чувствувам одлично и се надевам дека ќе продолжам со добрите настапи за да ѝ помогнам на Македонија и на идеите на селекторот“, порача македонскиот репрезентативец.
Димитриевски потенцираше дека стручниот штаб детално го анализирал противникот и дека репрезентацијата работела на сите сегменти од играта, со цел да изврши поголем притисок врз противникот.
Според него, овие пријателски натпревари се важна подготовка за претстојните настапи во Лигата на нации, а Босна и Херцеговина е противник кој стилски наликува на селекциите што ја очекуваат Македонија во следниот период.
Тој се осврна и на новите фудбалери во репрезентацијата, нагласувајќи дека имаат потенцијал, но ќе треба постепено да се вклопуваат во системот.
„Новите играчи беа добро прифатени од поискусните. Треба да продолжат да работат и да ја заслужат шансата да играат за Македонија и во иднина“, изјави Димитриевски.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












