Трамп изјави дека добил уверувања оти Иран нема да произведува ниту да набавува нуклеарно оружје, нагласувајќи дека токму тоа било клучното барање на САД во текот на разговорите меѓу двете земји.
Во меѓувреме, американските медиуми објавуваат дека во последните денови се забележува извесно приближување на ставовите, но дека Вашингтон испратил и нова, построга верзија на својот предлог до Техеран. Според информациите, администрацијата на Трамп бара поцврсти гаранции за повеќе чувствителни прашања, меѓу кои и идниот статус на иранскиот нуклеарен материјал.
Американскиот претседател порача дека САД постепено го добиваат она што го бараат од преговорите, но предупреди дека доколку не се постигне договор, ситуацијата би можела да добие поинаков тек. Слична порака испрати и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој изјави дека САД располагаат со капацитет за воен одговор доколку дипломатските напори не дадат резултат.
Тензиите дополнително се зголемија и на терен. Американското Централно командување соопшти дека бил запрен товарен брод кој се обидувал да стигне до иранско пристаниште, при што бил погоден во машинскиот дел. Од друга страна, Иран преку Исламската револуционерна гарда тврди дека соборил американски дрон кој, според нивните наводи, навлегол во иранскиот воздушен простор.
Преговорите остануваат оптоварени со повеќе спорни прашања, меѓу кои барањето на Техеран за одмрзнување на милијарди долари ирански средства, како и контролата врз стратешки важниот Ормутски Теснец.
САД и Израел со години го обвинуваат Иран дека се обидува да развие нуклеарно оружје, додека иранските власти постојано ги отфрлаат таквите тврдења и инсистираат дека нивната нуклеарна програма има исклучиво мирољубиви и цивилни цели.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












