Бразилската фудбалска репрезентација забележа убедлива победа од 6-2 над Панама во првиот од двата пријателски натпревари во рамки на подготовките за Светското првенство во САД, Мексико и Канада.
Пред преполните трибини на легендарната „Маракана“, домаќините уште од самиот старт ја најавија својата доминација. Винисиус Жуниор го отвори резултатот во втората минута со силен и прецизен удар, но Панама успеа брзо да се врати во игра и во 14. минута израмни, откако по слободен удар на Амир Муриљо, топката несреќно се одби од Матеус Куња и заврши во сопствената мрежа.
Бразил, сепак, не дозволи изненадување и повторно ја презеде контролата врз играта. Во 39. минута Винисиус со одличен центаршут асистираше за гол на Каземиро, кој со прецизен удар со глава донесе водство од 2-1 за домаќините.
Во второто полувреме следуваше вистинска фудбалска експлозија на Бразил. Рајан во 53. минута искористи грешка на противничкиот голман за 3-1, а само седум минути подоцна Лукас Пакета со прекрасен удар од далечина зголеми на 4-1.
Во 63. минута Игор Тијаго сигурно реализираше пенал што самиот го изнуди, а Данило Оливеира во 81. минута со одлична индивидуална акција го комплетираше убедливиот триумф со гол за 6-1.
Панама до крајот успеа само да го ублажи поразот преку Карлос Харви, кој во 84. минута постигна спектакуларен гол од далечина за конечни 6-2.
Оваа победа претставува силна најава за Бразил пред Светското првенство. Следниот тест за „кариоките“ е закажан за 7 јуни против Египет во САД, по што ќе следуваат финалните подготовки пред стартот на мундијалот и дуелот со Мароко на 14 јуни.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












