Иранскиот преговарачки тим донел одлука да ја прекине размената на пораки со САД преку посредници, во услови на зголемени тензии поради израелските воени активности во Либан, објави полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним.
Според информациите, Техеран одлучил да ги суспендира сите индиректни контакти и преговори со Вашингтон, оценувајќи дека тековниот процес на примирје е нарушен поради израелската офанзива на либанска територија.
Иранските власти сметаат дека ситуацијата во Либан претставува клучен елемент во поширокиот договор за прекин на огнот и дека неговото прекршување значи и прекин на основата за понатамошни разговори.
„Нема да има никаков дијалог“ сè додека не бидат земени предвид ставовите на Иран и Хезболах, наведува Тасним, додавајќи дека Техеран бара итен прекин на израелските воени операции и целосно повлекување од, како што ги нарекува, окупираните територии.
Во меѓувреме, иранските власти соопштија дека Ормутскиот теснец, еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта и гас, е целосно блокиран. Претходно беше најавено дека ќе биде дозволен ограничен премин на одредени бродови, но само под строго дефинирани услови.
Исто така, Тасним наведува дека и теснецот Баб ел Мандеб, кој ги поврзува Црвеното Море, Аденскиот Залив и Индискиот Океан, ќе биде блокиран од страна на таканаречениот „фронт на отпорот“.
Иран е близок сојузник на јеменското движење Хути, кое има значајно влијание во областа околу овој стратешки поморски премин.
Новите потези на Техеран дополнително ги зголемуваат тензиите на Блискиот Исток и предизвикуваат загриженост за можни нарушувања на глобалните енергетски и трговски текови.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












