Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за определување мерка притвор во траење од 30 дена за поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, како и за уште тројца осомничени во предметот што го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Судија на претходна постапка постапувал по предлог на Обвинителството, кое побарало определување на најстрогата мерка за обезбедување присуство на осомничените во постапката.
Според соопштението од Судот, прифатен е предлогот за притвор за С.Б., Д.Г., А.С. и С.М., кои се осомничени за кривични дела „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Давање награда за противзаконито влијание“.
Од Судот информираат дека мерката притвор е определена поради постоење на законските основи предвидени во член 165 став 1 точки 1 и 2 од Законот за кривична постапка. Осомничените имаат право на жалба против решението пред Кривичниот совет.
Обвинителката Искра Хаџивасилева претходно изјави дека Обвинителството побарало притвор поради сериозноста на сомневањата, обемот на доказите и околностите на случајот.
Според неа, во оваа фаза од истрагата мерката е оправдана и пропорционална, со цел непречено водење на постапката и обезбедување на присуството на осомничените.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












