Панамериканската здравствена организација предупреди на сериозен пораст на бројот на случаи на мали сипаници во Северна и Јужна Америка, само неколку дена пред почетокот на Светското првенство во фудбал 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
Според најновите податоци, од почетокот на годината во регионот се регистрирани повеќе од 20.000 случаи на заболени од мали сипаници, додека бројот на починати достигна 25 лица.
Здравствените експерти посочуваат дека бројот на заразени е четирипати поголем во споредба со истиот период минатата година, а досегашните бројки веќе го надминале вкупниот број регистрирани случаи во текот на целата мината година.
Најтешка е состојбата во Мексико, каде што се потврдени повеќе од 10.900 случаи и 13 смртни случаи. Веднаш зад него е Гватемала со над 6.200 заразени и 12 починати лица.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што Светското првенство ќе привлече повеќе од шест милиони навивачи од сите делови на светот. Турнирот ќе се одржува од 11 јуни до 19 јули 2026 година и за првпат во историјата ќе учествуваат 48 репрезентации, кои ќе одиграат вкупно 104 натпревари.
Поради масовните патувања и големите собири на луѓе, здравствените власти предупредуваат дека постојат идеални услови за дополнително ширење на заразата.
Панамериканската здравствена организација препорача засилен здравствен надзор на аеродромите, граничните премини, пристаништата и сите клучни транспортни точки низ кои ќе поминат милиони посетители за време на првенството.
Според експертите, најголем дел од заразените се невакцинирани лица или лица чиј вакцинален статус не е познат. Поради тоа, на сите патници постари од шест месеци им се препорачува навремена вакцинација против мали сипаници и рубеола доколку немаат доказ за целосна имунизација.
Загрижувачки се и глобалните податоци. Во првите пет месеци од годинава во 155 земји низ светот се регистрирани речиси 185.000 случаи на мали сипаници.
Здравствените организации повторно потсетуваат дека вакцинацијата останува најефикасната заштита од оваа заразна болест и клучен инструмент за спречување на појава на поголеми епидемии за време на масовни меѓународни настани.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












