Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, порача дека дигитализацијата и иновациите претставуваат клучни двигатели за развој на сигурен, одржлив и конкурентен енергетски систем во Македонија.
Говорејќи на настан организиран во соработка со Машинскиот факултет во Скопје и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Божиновска истакна дека современите технологии, вклучувајќи ја вештачката интелигенција и паметните енергетски мрежи, имаат сѐ поважна улога во трансформацијата на енергетскиот сектор.
Според неа, енергетиката на иднината ќе се темели на дигитални решенија кои ќе овозможат поголема ефикасност, подобро управување со ресурсите и поголема сигурност во снабдувањето со енергија.
„Иднината на енергетиката е дигитална. Само преку примена на современи технологии можеме да создадеме поефикасен, поодржлив и посигурен енергетски систем“, истакна Божиновска.
Настанот обедини претставници од академската заедница, институциите, енергетскиот и информатичкиот сектор, како и млади иноватори, кои разменија идеи и искуства поврзани со забрзување на енергетската транзиција и воведување нови технолошки решенија.
Министерката нагласи дека науката, образованието и човечкиот капитал се меѓу најважните предуслови за успешна модернизација на енергетскиот сектор и за градење долгорочна енергетска стабилност.
Таа посочи дека Министерството продолжува со реализација на реформи, нови инвестиции и проекти за модернизација на енергетската инфраструктура, со цел Македонија да ја зајакне својата енергетска независност и да го следи технолошкиот развој.
„Нашата цел не е само да ги следиме европските трендови, туку да изградиме силна и модерна Македонија која самостојно ја креира својата енергетска иднина и инвестира во нови технологии“, порача Божиновска.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












