Албанија го одобри воведувањето на системот за заеднички гранични проверки „Еден шалтер“ со Македонија, со што се отвора патот за побрзо и поедноставно преминување на границата меѓу двете земји.
Според одлуката на албанската Влада, договорот предвидува воспоставување заеднички гранични премини и координирани процедури за контрола на патници и стоки, со цел олеснување на сообраќајот и зајакнување на прекуграничната соработка.
Од македонската Влада посочуваат дека со ова практично се заокружува процесот на воведување на системот „Еден шалтер“ со сите соседни држави кои не се дел од Шенген зоната, откако истиот веќе функционира со Србија и Косово.
За целосно ставање во функција на системот останува да биде потпишан договор меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји.
Примената најпрво ќе започне на граничниот премин Ќафасан, а подоцна ќе биде проширена и на останатите гранични премини меѓу Македонија и Албанија.
Според владината портпаролка Венера Љатифи-Азизи, новиот систем ќе овозможи побрз, поедноставен и побезбеден премин на границата, особено во текот на летната сезона кога значително се зголемува бројот на патници и се создаваат долги колони.
Во текот на 2025 година на граничните премини меѓу Македонија и Албанија биле регистрирани 4.581.724 патници, од кои повеќе од 2,3 милиони поминале преку преминот Ќафасан.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












