Полска и САД водат разговори за проширување на американското воено присуство, вклучително и за можноста за воспоставување постојана американска воена база во земјата, објави полскиот весник „Дзеник газета правна“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Според информациите, во следните три месеци во Полска би требало да пристигнат дополнителни американски војници, додека конечната одлука за евентуално отворање постојана база се очекува во рок од шест до дванаесет месеци.
Разговорите меѓу Варшава и Вашингтон се однесуваат на две клучни прашања – зајакнување на ротациското распоредување на американските сили и можноста за отворање постојана американска воена база.
По посетата на Пентагон, директорот на полското Биро за национална безбедност, Бартош Гродецки, изјави дека американските претставници повеќепати ја посочиле Полска како „примерен сојузник“.
Во моментов во Полска се стационирани околу 10.000 американски војници, што ја прави земјата едно од најважните американски воени упоришта на источното крило на НАТО.
Полските власти веќе подолг период се залагаат за поголемо и трајно американско воено присуство, оценувајќи дека тоа ќе придонесе за зајакнување на безбедноста и одвраќањето од Русија, особено во услови на продолжување на војната во Украина.
Прашањето се очекува да биде една од темите и на претстојниот самит на НАТО, каде главен фокус ќе бидат зајакнувањето на одбраната на Алијансата, зголемувањето на воените трошоци и поддршката за Украина.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












