Шпанија обезбеди пласман во четвртфиналето на Светското првенство, откако во драматичен натпревар ја совлада Португалија со 1:0. Херој на европскиот шампион беше Микел Мерино, кој победничкиот гол го постигна во 91. минута.
На стадионот во Далас, Шпанците ја контролираа играта од самиот почеток и создадоа неколку добри можности во првото полувреме. Голманот Диого Кошта блесна со две одлични интервенции во краток временски период, бранејќи ги ударите на Ламин Јамал и Алехандро Баена.
Португалија најголемата шанса во првиот дел ја имаше преку Нуно Мендеш, но неговиот удар со глава беше блокиран од Педро Поро, по што топката заврши во пречката.
Второто полувреме не донесе многу возбудувања. Португалците како да беа задоволни со продолженија, додека Шпанија трпеливо бараше простор за решавачки удар.
Клучниот момент се случи во 91. минута, кога резервистот Феран Торес му асистираше на Микел Мерино, кој ја затресе мрежата и ја однесе Шпанија во четвртфиналето.
Во последните моменти од натпреварот Португалија се обиде да стигне до израмнување, но ударот со глава на Бернардо Силва во 96. минута заврши малку над голот.
Шпанија со оваа минимална, но заслужена победа продолжува во борбата за светската титула, додека Португалија го завршува настапот на турнирот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












