Македонскиот фудбалски шампион Вардар вечерва по девет години повторно ќе настапи во квалификациите за Лигата на шампиони. Црвено-црните ќе го одиграат првиот натпревар од првото квалификациско коло против финскиот првак КуПС.
Со неколку засилувања во играчкиот кадар и нов тренер на клупата, Аргентинецот Кристијан Фабијани, Вардар ќе се обиде да обезбеди што подолг настап на европската сцена. Последен пат скопскиот клуб настапуваше во квалификациите за Лигата на шампиони во 2017 година, кога стигна до плејофот, по што настапи во групната фаза од Лигата на Европа.
Во пресрет на вечерашниот натпревар, Фабијани порача дека двомечот не се решава само на првиот натпревар.
„Овој двомеч трае 180 минути, а не 90. Ќе играме против тим кој е во натпреварувачки ритам, добро ја контролира топката и игра човек на човек. Нашата цел е да извршиме притисок уште во нивната дефанзивна линија“, изјави тренерот на Вардар.
Минатата сезона Вардар настапи во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА. По елиминацијата на Ла Фиорита од Сан Марино, скопскиот клуб беше запрен во второто квалификациско коло од швајцарска Лозана. Иако победи со 2:1 во Скопје, на реваншот загуби со убедливи 5:0.
Натпреварот меѓу Вардар и КуПС ќе се игра на арената „Тодор Проевски“ во Скопје, со почеток во 19 часот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












