ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и Левица го блокираат донесувањето на новиот Изборен законик, ставајќи ги, како што наведуваат од партијата, партиските интереси пред интересите на државата и македонската дијаспора.
Од владејачката партија посочуваат дека предложените измени ги вклучуваат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, како и предлози кои, според нив, биле усогласувани со политичките партии на претходните работни средби.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ се спротивставува на предлогот македонските државјани во дијаспората да гласаат по електронски пат или по пошта, бидејќи, како што тврдат, стравува од изборниот резултат кај иселениците.
Во партиското соопштение се наведува и дека Левица, иако нејзините предлози поврзани со финансирањето на изборните кампањи биле прифатени, не го поддржала договорот што се подготвувал меѓу политичките партии.
„Целта е да се претстават како партија што не преговара и не прави компромиси, иако тоа е на штета на македонските граѓани кои живеат во странство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата оценуваат дека со блокирањето на Изборниот законик не се попречува само остварувањето на избирачкото право на дијаспората, туку се доведува во прашање и исполнувањето на реформските обврски на државата, потсетувајќи дека Европската Унија повикала на политички консензус и навремено усвојување на законските измени.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека останува на ставот новиот Изборен законик да биде донесен со широк политички консензус, во интерес на државата, реформскиот процес и овозможувањето македонските државјани во дијаспората да гласаат по електронски пат.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












