Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека не жали за обидите да воспостави блиски односи со американскиот претседател Доналд Трамп, и покрај неговите неодамнешни критики упатени преку социјалните мрежи.
„Не, апсолутно не жалам за ништо што сум направила“, изјави Мелони во Анкара, по завршувањето на самитот на НАТО, на кој присуствуваше и Трамп. Таа додаде дека нема директно да одговара на неговите објави.
Мелони истакна дека Италија ќе ги исполни обврските кон НАТО во однос на зголемувањето на трошоците за одбрана, но нагласи дека Рим самостојно ќе ги утврди роковите и начинот на нивната реализација, давајќи приоритет на домашната одбранбена индустрија.
Претходно денеска, Трамп, за време на разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Италија „постапила многу лошо“ во врска со користењето на своите воени бази. Тој алудираше на одлуката на италијанската влада во март да не им дозволи на американските бомбардери да ја користат воздухопловната база Сигонела на Сицилија за време на конфликтот со Иран.
Според италијанските медиуми, одбивањето на американското барање довело до заладување на односите меѓу Трамп и Мелони, која претходно важеше за еден од неговите најблиски европски сојузници.
Американскиот претседател во последните месеци неколкупати ја критикуваше италијанската премиерка поради позицијата на Италија за време на конфликтот со Иран. Иако вчера изјави дека Мелони му се „допаѓа“ и дека ја смета за „добра личност“, повтори дека таа не застанала на страната на САД за време на војната.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












