Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија во јуни ја забележала најниската инфлација во регионот, додавајќи дека Владата располага со план и доволно резерви за да одговори на евентуални нови економски предизвици.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека глобалната економска неизвесност и понатаму е силно поврзана со војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, кои влијаат врз енергетските пазари и снабдувањето со енергенси.
Според Мицкоски, Владата навремено обезбедува енергенси и гориво, а ниските цени на горивата во земјава, како што рече, привлекуваат и граѓани од соседните држави да точат гориво во Македонија.
„Во јуни успеавме да имаме најниско ниво на инфлација во споредба со сите држави во регионот. Особено радува што инфлацијата кај храната изнесува околу 2,5 проценти, а кај облеката и обувките околу 2,1 процент. Најголем придонес кон вкупната инфлација од 3,4 проценти имаат тутунот, тутунските производи, алкохолот и транспортните услуги поради повисоките цени на горивата“, изјави премиерот.
Тој изрази надеж дека тензиите во Заливот ќе се намалат, што ќе придонесе за постабилни економски услови, но нагласи дека и доколку кризата продолжи, државата е подготвена да реагира.
„И да продолжи кризата, ние имаме план и доволно резерви како да одговориме на овој предизвик“, порача Мицкоски.
Воедно, тој ја критикуваше опозицијата, оценувајќи дека со години пласира негативни прогнози за економијата, кои, според него, не се оствариле.
Премиерот нагласи дека Владата ќе остане фокусирана на економската стабилност, реализацијата на реформите и мерките што треба да обезбедат сигурност за граѓаните и стопанството.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












