Редовното пиење газирани пијалаци може да има посериозни последици по здравјето отколку што се сметаше досега. Освен што се поврзуваат со зголемен ризик од дебелина, дијабетес и срцеви заболувања, овие пијалаци можат да придонесат и за побрзо стареење на организмот.
Истражување објавено во списанието „American Journal of Public Health“ покажало дека лицата кои често консумираат газирани пијалаци имаат пократки теломери – структури на краевите од хромозомите кои имаат важна улога во стареењето на клетките.
Научниците од Универзитетот во Сан Франциско анализирале податоци од 5.309 лица на возраст од 20 до 65 години, без претходни кардиоваскуларни заболувања. Резултатите покажале дека пократките теломери се поврзани со побрзо клеточно стареење и поголем ризик од појава на хронични болести.
Дополнителни истражувања укажуваат дека газираните пијалаци можат негативно да влијаат и врз цревната микробиота, што може дополнително да го наруши балансот во организмот. Експертите сметаат дека оксидативниот стрес предизвикан од прекумерното консумирање на вакви пијалаци е еден од факторите што придонесуваат за забрзано стареење.
Здравствените експерти препорачуваат газираните пијалаци почесто да се заменуваат со вода, незасладени чаеви и други поздрави алтернативи, со цел да се намали ризикот од заболувања и да се зачува здравјето на долг рок.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












