Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго досега однесе 600 животи, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Новите податоци се објавени само неколку дена откако бројот на починати надмина 500.
Според последните информации на здравствената агенција на Обединетите нации, во ДР Конго се регистрирани 1.759 потврдени случаи на ебола од прогласувањето на епидемијата во средината на мај, при што стапката на смртност изнесува 34 проценти.
Вирусот е регистриран и во соседна Уганда, каде што се потврдени 20 случаи. Од нив, две лица починале, а 17 пациенти се опоравиле.
„Епидемијата продолжува да се шири, а нејзината вистинска големина сè уште не е целосно разбрана“, изјави претставничката на СЗО во ДР Конго, Ан Ансија.
Африканските центри за контрола и превенција на болести (ACDC) предупредија дека оваа епидемија е најбрзорастечката досега, не само во однос на видот на вирусот Бундибугио, туку и споредено со сите претходни епидемии на ебола.
„Ова е најбрзорастечката епидемија на ебола досега“, изјави претставникот на ACDC, Весам Манкула.
Седумнаесеттата епидемија на ебола во ДР Конго беше прогласена на 15 мај, откако беа пријавени неколку смртни случаи во покраината Итури.
Од СЗО велат дека состојбата сè уште не е стабилизирана, бидејќи преносот на вирусот продолжува.
„Би сакале да кажеме дека епидемијата се стабилизира, но сè уште не можеме да го потврдиме тоа, бидејќи заразувањето продолжува“, изјави Ансија.
Во моментов здравствените служби следат повеќе од 10.000 контакти на заразени лица, со успешност на следењето од околу 82 проценти. Сепак, СЗО предупредува дека за целосна контрола на епидемијата потребно е следењето да достигне најмалку 95 проценти.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












