Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје ја продолжи соработката со браќата Дамјан и Војдан Стојановски, кои и во новата сезона ќе го носат сино-белиот дрес. Нивното останување во клубот беше меѓу главните приоритети на управата при формирањето на тимот за претстојните предизвици.
За капитенот Дамјан Стојановски ова ќе биде 14. сезона во дресот на МЗТ Скопје, во која ќе се обиде да ја освои својата 12. шампионска титула со клубот. Војдан Стојановски, пак, ќе ја започне својата шеста сезона во аеродромскиот состав, откако повторно се приклучи на тимот во 2022 година.
Од клубот истакнуваат дека задржувањето на искусните репрезентативци е дел од стратегијата МЗТ Скопје и понатаму да се потпира на најдобрите домашни кошаркари.
Во рамки на подготовките за новата сезона, претходно беше потврдено и враќањето на Лука Стојановски, како и ангажманот на младиот босански интернационалец Емир Крајиниќ.
Во актуелниот ростер остануваат и Андреј Андоноски и Марин Петков, а од клубот најавуваат дека продолжуваат со комплетирање на составот, кој ќе настапува во домашното првенство, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












