Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски денеска повторно ги повика опозициските партии да постигнат договор за новиот Изборен законик, истакнувајќи дека владејачката партија ќе го поддржи секое заедничко решение што ќе го усогласат, доколку во него биде вклучено гласањето на дијаспората.
Стојаноски посочи дека на состанокот на работната група меѓу координаторите во Собранието, одржан во вторникот, ВМРО-ДПМНЕ доставила предлог за надминување на разликите околу Изборниот законик, но дека до денеска не добиле одговор од опозициските партии.
Тој потсети дека 15 јули е крајниот рок за исполнување на обврските поврзани со реформите и оцени дека прашањето е премногу важно за да стане предмет на политички пресметки.
Според Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена без дополнителни услови да ги прифати сите решенија за кои ќе се договорат СДСМ, ДУИ, Левица, како и партиите на Зијадин Села и Арбен Таравари, без разлика дали станува збор за една изборна единица, моделот за финансирање на политичките партии или начинот на постапување по изборните приговори.
Единствениот услов, како што нагласи, е во законското решение да биде предвидено и гласањето на македонската дијаспора.
Тој изрази уверување дека сè уште има доволно време до законскиот рок за да се постигне договор и уште еднаш упати апел до опозициските партии да седнат на заедничка маса и да ги усогласат своите ставови.
„Ќе прифатиме сè што ќе договорат опозициските партии, доколку во решението биде вклучено и гласањето на дијаспората. Нашата цел е да се исполни оваа реформска обврска и да им се овозможи на нашите иселеници да го остварат своето избирачко право“, порача Стојаноски.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












