Собранието денеска треба да ја започне 112. седница, на која ќе се расправа за реконструкцијата на Владата, односно за разрешување на повеќе министри и избор на нивните наследници.
Според предложените кадровски промени, Игор Филков ќе биде разрешен од функцијата министер за правда, а на негово место е предложен Јетон Шасивари. Иван Стоилковиќ ќе ја напушти функцијата министер за односи меѓу заедниците и се очекува да биде избран за министер за локална самоуправа, каде ќе го наследи Златко Перински. Перински, пак, е предвидено да ја преземе директорската функција во Фондот за здравствено осигурување.
За нов министер за здравство е предложен актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој треба да го замени Азир Алиу. За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати.
Во реконструкцијата се предвидени и други кадровски промени. Борче Серафимовски треба да го наследи Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ѓоко Велковски е предложен за министер за социјална политика, демографија и млади на местото на Фатмир Лимани, додека Седат Сулејмани е кандидат за министер за култура и туризам, наместо Зоран Љутков. За министер без ресор е предложен Ерџан Демир, кој треба да го замени Шабан Салиу.
Се очекува премиерот Христијан Мицкоски на седницата да ги образложи причините за реконструкцијата, која ја најавуваше подолг период.
Според собранискиот Деловник, по секој предлог за разрешување на министер се отвора расправа која може да трае најмногу два дена, а разрешениот министер има право на обраќање во траење до 15 минути. Новите министри се избираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Покрај реконструкцијата, наскоро се очекува во Собранието да биде доставен и предлог за избор на уште еден министер, по договорот за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците. Премиерот претходно најави и дека функцијата вицепремиер за добро владеење ќе биде укината, а тие надлежности ќе ги преземе лице од неговиот кабинет. Изборот на заменици-министри е најавен за септември.
Мицкоски оцени дека реконструкцијата претставува почеток на нова фаза во работата на Владата по првите две години од мандатот, со поголем акцент на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












