Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, најави дека се разгледуваат две можни решенија за проблемот со пешачкиот премин кај Бит-пазар – поставување семафор или целосно отстранување на надземниот пешачки премин.
На денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања, Меџити посочи дека поставувањето семафор е најверојатната опција, додека уривањето на надвозникот би се разгледувало доколку се утврди дека тој претставува пречка и не ја исполнува својата функција.
„Разгледуваме две опции. Најверојатната е поставување семафор, а другата е да се урне мостот, бидејќи не е целосно функционален и граѓаните не го користат“, изјави Меџити.
Тој потсети дека надвозникот со години не се користи и дека е во лоша состојба поради вандализам. Според него, уште пред локалните избори неговиот став бил дека подобро решение е отстранување на објектот, наместо реконструкција.
Меџити објасни дека пешачкиот премин повторно бил ставен во функција по барање на трговците од Бит-пазар, бидејќи има значење за нивното работење, но и за секојдневното движење на жителите во овој дел од градот.
Градоначалникот се осврна и на проблемот со дивоградбите, посочувајќи дека според последниот извештај на Државниот завод за ревизија, Општина Чаир е шеста во Скопје и десетта во државата според бројот на нелегално изградени објекти.
„Се работи на дивоградбите, се реши случајот со ‘Али Тобако’, а во тек се постапки и за останатите. Земете информации прво за шесте општини што се пред Чаир, а потоа за Чаир“, рече Меџити.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












