Политичките препукувања околу новиот Изборен законик продолжуваат. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција ги обвини СДСМ, Левица и ДУИ дека, како што рече, немаат вистинска намера да постигнат договор за усвојување нов закон.
Според Манасиевски, повиците за дијалог од едни опозициски партии и одбивањата од други претставуваат „политичка игра“ со цел да се спречи донесувањето на нови правила за изборниот процес.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека блокирањето на Изборниот законик директно влијае и врз можноста за олеснување на гласањето на дијаспората, а опозицијата, според нив, се обидува да создаде алиби во пресрет на идните изборни циклуси.
„Ова е приказната која уште сега ја кажуваме, а ќе се оствари на следните избори токму од коалицијата на СДС, Левица и ДУИ. Нов Изборен законик нема, а за тоа директно е виновна оваа коалиција“, изјави Манасиевски.
Од владејачката партија порачаа дека јавноста, како што велат, може да го препознае вистинскиот мотив зад политичките потези на опозицијата и дека одговорноста за евентуалното непостигнување договор ќе биде на оние кои го попречуваат процесот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












