Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Александар Лазаров – „Цуната“, откако тој успеал да избега од полициска станица во Кочани.
Од политичката партија Левица во реакција посочуваат дека станува збор за лице чие име било споменувано во судската постапка за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според нивните наводи, во текот на постапката сведоци го посочиле Лазаров како лице поврзано со продажба на дрога во клубот.
Од Левица оценуваат дека случајот отвора дополнителни прашања за функционирањето на институциите и потсетуваат дека судската постапка за „Пулс“, според нив, открила низа сомнежи за начинот на кој клубот работел со години.
„Пулс“ не бил само див клуб, туку симбол на целосен институционален распад“, велат од партијата, додавајќи дека во постапката биле изнесени тврдења за можни пропусти и вмешаност на лица од институциите кои требало да вршат контрола.
Од Левица посочуваат дека во судницата било кажано дека Лазаров бил поврзуван со продажба на наркотични средства во клубот и дека неговото бегство од полициска станица не смее да се третира како обичен пропуст.
Партијата повторно упати критики кон Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски, нагласувајќи дека претходно поднеле интерпелација поради, како што наведуваат, системски пропусти и недоволна политичка одговорност.
„Ако лице чие име се споменува во судската постапка за ‘Пулс’ може да избега од полициска станица, тогаш постојат сериозни прашања за функционирањето на системот“, велат од Левица.
Од партијата додаваат дека јавноста очекува целосно расчистување на случајот и одговорност доколку се утврдат пропусти во постапувањето на надлежните институции.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












