Давид Санчез, братот на шпанскиот премиер Педро Санчез, е прогласен за виновен за административен прекршок поврзан со непотизам и доби деветгодишна забрана за извршување јавни функции.
Одлуката ја донесе суд во Бадахоз, кој оцени дека неговото назначување на висока позиција во културниот сектор во 2017 година, во рамки на покраинската влада, било направено без реална административна потреба и било во негова корист.
Давид Санчез беше обвинет дека добил работно место кое било прилагодено на неговите лични интереси поради семејната поврзаност со премиерот. Според судската одлука, процесот на создавање на позицијата претставувал „произволно вршење на моќ“ со цел фаворизирање на одредено лице.
Станува збор за функција поврзана со надзор на музичките конзерваториуми во покраината Бадахоз, а судот посочил дека описот на работното место подоцна бил менуван за да одговара на интересите на Санчез поврзани со операта.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како дел од политички мотивирана кампања против него, која, според него, ја предводи крајната десница.
Одлуката на судот може да биде обжалена. Случајот претставува уште еден политички предизвик за шпанскиот премиер, чија влада во изминатиот период се соочува со повеќе афери поврзани со корупција.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












