Стручни тимови од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) спроведуваат сеопфатен надзорен мониторинг на квалитетот и количеството на водите во сливот на реката Вардар, најзначајниот воден ресурс во земјава кој опфаќа повеќе од 80 проценти од сите водни тела во државата.
Мониторингот вклучува теренски мерења, земање примероци од површински и подземни води, како и лабораториски анализи на вкупно 170 локации. Активностите се реализираат според новата национална мониторинг-програма, која ги утврдува мерните места, параметрите и методологијата за следење на состојбата на водните ресурси.
Од УХМР информираат дека програмата е изработена во соработка со швајцарската Програма за управување, користење и заштита на води, домашни експерти и меѓународни стручни лица. Таа претставува важен чекор кон воспоставување модерен систем за управување со водите, усогласен со Законот за води и Рамковната директива за води на Европската Унија.
Директорот на УХМР, Игор Лазаровски, истакна дека квалитетниот мониторинг е основа за правилно и долгорочно управување со водните ресурси.
„Нашите тимови периодов работат на терен и земаат примероци од вода од различни локации низ државата. Добиените резултати ќе покажат каква е состојбата со водите, кои се главните предизвици и кои мерки се потребни за нивна заштита“, изјави Лазаровски.
Надзорниот мониторинг треба да заврши до крајот на годинава, а ќе опфати 80 локации со примероци од површински води и следење на податоците од 90 мониторинг-станици за подземни води во сливот на Вардар.
За подобрување на техничките можности, на УХМР ѝ се донирани 14 пиезометри, инструменти за мерење и следење на подземните води, како и современа лабораториска опрема и две возила во вредност од околу 250.000 швајцарски франци.
Од институцијата посочуваат дека собраните податоци ќе овозможат навремено откривање на проблеми како загадување или недостиг на вода, но и подготовка на конкретни мерки за заштита и одржливо користење на водните ресурси.
Резултатите од мониторингот ќе бидат една од основите за изработка на првиот план за управување со сливот на реката Вардар – стратешки документ што треба да ги дефинира идните политики за управување со водите согласно европските стандарди.
Проектот се реализира со национално кофинансирање од околу 440.000 швајцарски франци, обезбедени преку Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека дополнителна поддршка обезбедува Швајцарија преку Програмата за управување, користење и заштита на водите.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












