Американскиот претседател Доналд Трамп упати ново остро предупредување до Иран, изјавувајќи дека САД би можеле да ги нападнат клучните енергетски и транспортни објекти доколку Техеран не се врати на преговарачката маса.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп рече дека нападите би се интензивирале во наредните денови и дека следната недела на удар би можеле да се најдат електраните и мостовите.
„Ќе ги уништиме нивните електрани и мостови ако не седнат на преговарачката маса и не почнат да преговараат“, изјави Трамп.
Американските медиуми потсетуваат дека ова не е првпат Трамп да користи ваков остар речник кон Иран, оценувајќи дека ваквите изјави често биле дел од неговата преговарачка стратегија, без секогаш да бидат проследени со конкретна воена акција.
Во меѓувреме, според Си-Ен-Ен, контактите меѓу американските и иранските претставници продолжуваат, но администрацијата на Трамп смета дека преговорите не можат да напредуваат додека Иран го ограничува сообраќајот низ Ормутскиот Теснец.
Трамп додаде дека воените операции ќе продолжат сè додека, како што рече, „не одлучи дека е доста“, а не ја исклучи ниту можноста за копнена интервенција, иако нагласи дека постојат и други партнери кои би можеле да преземат таква улога.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:













