Македонскиот шампион Вардар беше на чекор до голем подвиг во Финска, откако во регуларниот дел славеше со 2-0 против КуПС и ја анулираше негативата од првиот натпревар. Сепак, по драматичните продолженија мечот заврши 3-2 за Вардар, што не беше доволно за пласман понатаму, па финскиот првак продолжува во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите.
Тренерот Кристијан Фабијани, поради суспензијата на Босанчиќ и повредата на Торес, направи промени во составот и постави поофанзивна формација. Вардар уште од самиот старт покажа дека нема намера да се предаде, а Бобан Николов беше блиску до погодок уште во воведните минути.
По мирното прво полувреме, македонскиот првак ја засили иницијативата во вториот дел. Во 59. минута, по центаршут на Николов, Азер Омерагиќ ја зафати топката, а таа со помош на домашниот дефанзивец Саивонен заврши во мрежата за 0-1.
Вардар продолжи да напаѓа, а упорноста беше наградена во самиот финиш кога, по ВАР-проверка, беше досуден пенал за македонскиот тим. Горан Закариќ беше сигурен од белата точка и со погодокот за 0-2 го одведе натпреварот во продолженија.
Во дополнителните 30 минути следуваше вистинска драма. КуПС прв погоди преку Армах за 1-2, но само две минути подоцна Пулејо ја врати предноста од два гола и донесе 1-3. Сепак, финскиот тим повторно се врати во игра кога Паржишек реализира пенал за 2-3.
До крајот Вардар се обидуваше да постигне уште еден погодок што ќе му донесеше ново израмнување во вкупниот резултат, но не успеа. Така, европската приказна во Лигата на шампионите заврши, а „црвено-црните“ настапите ќе ги продолжат во квалификациите за Конференциската лига, каде ќе се соочат со победникот од дуелот меѓу Рига и Арарат.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












