Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата останува посветена на политиките за задржување на пониски цени на горивата и оцени дека веќе се исполнуваат условите од понеделник повторно да бидат намалени акцизите за бензинот и дизелот.
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на активностите за регулација на коритото на Сува Река во Општина Сарај, Мицкоски рече дека Владата внимателно ги следи случувањата на светските пазари, особено по новите тензии меѓу САД и Иран и затворањето на Ормускиот Теснец.
„Сето тоа го антиципираме. Кризната состојба е до 20 јули. Мислам дека веќе се исполнети условите од понеделник повторно да имаме намалување на акцизите за безоловниот бензин и дизелот“, изјави премиерот.
Тој посочи дека конечната одлука ќе биде донесена по анализата на движењата на берзанските цени во првата половина од месецот.
Мицкоски нагласи дека Македонија и натаму има едни од најниските цени на горивата во регионот, иако набавката се врши на истите светски пазари како и другите европски земји.
„Немаме сопствени извори на нафта, купуваме од истите берзи како и Германија. Прашањето е зошто таму горивата се двојно поскапи, зошто во Албанија се околу 70 проценти поскапи, во Грција речиси двојно, а во Србија околу 50 проценти поскапи. Тоа се политиките на оваа Влада во насока на подобар животен стандард за граѓаните“, рече Мицкоски.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












