Соединетите Американски Држави воведуваат нови ограничувања за престојот на странските студенти и новинари, како дел од заострената имиграциска политика на актуелната администрација.
Според владин документ објавен денес, новите правила треба да стапат во сила во рок од два месеци, доколку добијат поддршка во Конгресот.
Со измените, на странските студенти со студентска виза ќе им биде дозволен престој во САД најмногу четири години, наместо досегашната практика визата да важи за целото времетраење на студиите.
Предвидени се измени и за странските новинари. Нивниот престој ќе биде ограничен на најмногу 240 дена, односно околу осум месеци, со можност за продолжување на визата за ист временски период.
Најстроги ограничувања ќе важат за новинарите од Кина, чии визи ќе бидат ограничени на само 90 дена.
Досега, американските власти на странските студенти им издаваа визи за времетраењето на образованието, додека новинарските визи важеа до пет години.
Предложените измени ќе ги опфатат и новинарите акредитирани во стотици странски медиуми кои известуваат од Соединетите Американски Држави.
Повеќе меѓународни медиумски организации во заедничко отворено писмо предупредија дека новите правила би можеле значително да го намалат обемот и квалитетот на известувањето за случувањата во САД.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












