Министерот за здравство Сашо Клековски денеска во 11:30 часот ќе ја посети Општата болница во Гостивар, откако повеќе од илјада граѓани побараа лекарска помош поради повраќање, дијареа и покачена телесна температура. По посетата е најавена и изјава за медиумите.
Агенцијата за храна и ветеринарство вчера донесе привремена забрана за користење на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар, поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна.
При инспекцискиот надзор било утврдено дека во главниот водоводен цевковод, без соодветно одобрение, била поставена пумпа која директно внесувала вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.
Од Агенцијата соопштија дека забраната ќе остане во сила до добивањето на лабораториските резултати кои треба да ја потврдат исправноста и безбедноста на водата.
Во изминатите неколку дена повеќе од илјада жители на Гостивар побарале медицинска помош поради стомачни тегоби, што го отвори сомнежот за можна поврзаност со водата од градскиот водовод.
По наредба на јавен обвинител, случајот го истражуваат полициски инспектори од СВР Тетово поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, додека надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување на околностите.
Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, ги повика граѓаните строго да ја почитуваат забраната за користење на водата, нагласувајќи дека во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека здравствените проблеми се директно предизвикани од водата од градскиот водовод.
Тој истакна дека редовните анализи на ЈП „Комуналец“ досега покажувале исправни параметри, но по пријавата биле земени нови примероци за лабораториско испитување. Според него, сите сомнежи ќе бидат проверени, а јавноста ќе биде навремено информирана веднаш штом пристигнат официјалните резултати.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












