СДСМ оцени дека најновиот Извештај на Европската комисија за владеење на правото ги потврдува нивните долгогодишни предупредувања за состојбите во македонскиот правосуден систем, обвинувајќи ја власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ за политички притисоци врз судството и обвинителството.
Од опозициската партија велат дека Европската комисија во извештајот нотирала мешање и влијание врз работата на правосудните институции од страна на претставници на власта, оценувајќи го тоа како сериозен проблем за независноста на системот.
„Ова не е општа забелешка, туку директна дијагноза на состојбата во која се наоѓа правосудството во Македонија“, наведуваат од СДСМ.
Според партијата, Европската комисија укажала и на ризикот од неказнивост поради измените на Кривичниот законик, како и на можностите за политичко влијание врз постапките на судиите и обвинителите.
Од СДСМ сметаат дека овие забелешки се особено значајни во период кога земјата треба да ги исполнува европските стандарди за владеење на правото и да напредува во процесот на интеграција во Европската Унија.
Опозициската партија обвинува дека наместо независни институции, граѓаните добиваат селективна правда и политичко влијание врз правосудниот систем.
„Европската комисија јасно укажува дека без вистинска независност на судството нема напредок кон ЕУ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












