Лионел Меси за првпат јавно се осврна на легендарната фотографија на која како млад фудбалер го држи тогаш шестмесечниот Ламин Јамал, оценувајќи дека е неверојатно што речиси две децении подоцна двајцата ќе се соочат еден против друг во финалето на Светското првенство.
Фотографијата му беше покажана на Меси од легендата на американскиот фудбал Том Брејди за време на настанот „Fanatics Fest“ во Њујорк, каде ФИФА го претстави финалето на Мундијалот.
„Таа фотографија е лудост. Се фотографирав со него кога беше бебе, а сега двајцата играме финале на Светско првенство. Тоа е навистина неверојатно. Во моментов тој е еден од најдобрите фудбалери во светот. Му посакувам сè најдобро, бидејќи сè што е добро за него е добро и за Барселона. Но, ќе се обидеме да не му дозволиме да го покаже своето најдобро издание. Шпанија игра одлично и не зависи сè само од него. И ние имаме свои адути“, изјави Меси.
Капитенот на Аргентина призна дека внимателно ги следи настапите на Јамал, особено поради тоа што младиот фудбалер настапува за Барселона, клубот каде Меси ја изгради најголемата дел од својата кариера.
„Тој е врвен играч. Го следев многу затоа што игра за клубот што го сакам. Веќе е светска ѕвезда, а има само 19 години и голема кариера пред себе. Сепак, ние ќе дадеме сè од себе овојпат да не стане светски шампион“, порача Меси.
Аргентинецот зборуваше и за притисокот пред големите натпревари, нагласувајќи дека најважно е уживањето во играта.
„И двајцата пораснавме играјќи фудбал со голема страст и желба да уживаме во играта. Никогаш не размислувавме за притисокот. Сакаме да победуваме, но и да играме добро. Не е секогаш возможно, а тоа го научив уште како дете. Благодарение на тоа станав подобар играч и подобра личност“, рече капитенот на Аргентина.
Фотографијата која повторно го привлече вниманието на светската јавност е направена во септември 2007 година во соблекувалната за гостински екипи на „Камп Ноу“. Тогаш 20-годишниот Меси позирал со бебето Јамал, а на една од фотографиите му помага на неговото семејство при хуманитарното фотографирање.
Снимките биле направени за хуманитарен календар на весникот „Спорт“ и УНИЦЕФ, а семејството на Јамал било избрано случајно. Автор на фотографиите е фотографот Жоан Монфорт.
Со години фотографијата останала незабележана, сè додека таткото на Јамал не ја објавил повторно на социјалните мрежи за време на Европското првенство во 2024 година, со порака: „Почетокот на две легенди“.
Пред финалето на Светското првенство, фотографијата повторно стана вирална, откако стана јасно дека Меси и Јамал ќе се борат за најголемиот трофеј во светскиот фудбал.
Аргентина стигна до финалето со победа над Англија од 2:1, при што Меси асистираше за двата гола, додека Шпанија ја совлада Франција со 2:0. Големото финале ќе се одигра на 19 јули на стадионот „Њујорк – Њу Џерси“.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












