Шумскиот пожар што вчера избувна во близина на басенот Аркашон, во францускиот департман Жиронда, продолжува забрзано да се шири и досега зафатил околу 2.000 хектари површина. Поради опасноста од ширење на огнената стихија, властите евакуираа речиси 12.000 жители и туристи.
Француската префектура соопшти дека утрово е наредена дополнителна евакуација на околу 7.000 лица. Мерката се однесува на шест кампови и една станбена зона северно од Кап Ферет – популарно туристичко место кое во летниот период привлекува голем број посетители.
Според официјалните информации, уште синоќа биле евакуирани најмалку 4.600 лица од домовите и туристичките сместувачки капацитети во загрозениот регион, а бројот на евакуирани постојано расте поради ширењето на пожарот.
Пожарникарските екипи и службите за цивилна заштита се на терен и вложуваат максимални напори за локализирање на огнената стихија и спречување на нејзиното натамошно ширење. Засега нема информации за човечки жртви, а властите внимателно ја следат состојбата и апелираат граѓаните да ги почитуваат сите наредби за евакуација.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












