Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години со пораз го започна настапот на Европското првенство од Б Дивизијата, кое се одржува во Опатија. Нашите јуниори загубија од Грузија со 83-66, откако по рамноправна игра во првите три четвртини, противникот го реши натпреварот во последниот период.
Македонија отвори добро и по изедначената прва четвртина (17-16), избраниците на селекторот Миодраг Тодоровиќ одиграа одлично во вториот период. Во неколку наврати имаа предност од девет поени, а последното такво водство беше при 35-26. Сепак, Грузија возврати со серија од 10-0 и успеа да израмни, па на полувремето резултатот беше 36-36.
Во третиот период Македонија повторно дојде до предност од пет поени (47-42), но противникот брзо го презеде ритамот на играта. На почетокот на последната четвртина Грузија поведе со 62-49, а потоа ја зголеми разликата и на 77-60, на помалку од три минути до крајот, со што практично го реши победникот.
Најефикасен во македонскиот состав беше Ѓорѓи Цветковски со 20 поени, додека Ѓорѓи Ѓорѓевиќ постигна 11.
Македонската репрезентација веќе утре ќе го одигра вториот натпревар на шампионатот, а противник ќе биде селекцијата на Босна и Херцеговина. Средбата е закажана со почеток во 18:00 часот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












