Македонскиот вицепрвак Шкендија со пораз го отвори настапот во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, откако на гостувањето во Словенија загуби од Браво со 2-1. Иако тетовци поведоа уште во раната фаза од натпреварот, домаќините направија пресврт, па патникот во следното коло ќе се решава на реваншот во Скопје.
Шкендија одлично го започна натпреварот и во 10. минута стигна до водство. По досудениот пенал, сигурен реализатор беше Ендрит Красниќи, кој донесе предност од 0-1.
Радоста на македонскиот тим траеше кратко. Само осум минути подоцна Браво израмни преку 19-годишниот Копатин, кој најдобро се снајде во шеснаесетникот и погоди за 1-1, резултат со кој заврши првото полувреме.
Во вториот дел словенечкиот состав целосно го комплетираше пресвртот. Во 56. минута Јаков Станковиќ ја затресе мрежата на Шкендија и постави конечни 2-1.
До крајот на средбата и двете екипи создадоа неколку можности, но резултатот остана непроменет. Шкендија сега ќе има шанса да ја надомести минималната негатива на реваншот, кој за седум дена ќе се одигра во Скопје, каде ќе се решава кој ќе обезбеди пласман во следната квалификациска рунда.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












