Новата унгарска влада најави истрага за можни злоупотреби на државни средства поврзани со кредитот од една милијарда евра што државната „Ексимбанка“ ѝ го одобри на Северна Македонија за време на владата на поранешниот премиер Виктор Орбан.
Информацијата ја соопшти актуелниот унгарски премиер Петер Маѓар, кој рече дека заемот за Македонија е еден од четирите случаи поврзани со работењето на „Ексимбанка“ за кои Министерството за економија и енергетика поднело иницијативи за проверка.
„Министерството поднесе четири пријави за наводна измама во вкупна вредност од илјада милијарди форинти, во четири различни случаи. Сите се однесуваат на активностите на ‘Ексимбанк’“, изјави Маѓар.
Тој посочи дека кредитот за Македонија бил одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти, оценувајќи дека условите биле исклучително поволни. Според него, поради разликата во каматите, заемот ќе го чини унгарскиот буџет околу 90 милијарди форинти, односно приближно 248 милиони евра, додека целосниот ризик го презела унгарската држава.
Маѓар оцени дека каматата по која бил даден кредитот е пониска од стапките по кои унгарските граѓани, компании, па дури и самата држава обезбедуваат финансиски средства.
Тој дополнително го критикуваше потегот на претходната влада, наведувајќи дека наместо поддршка за домашните компании, јавни средства биле насочени кон странски партнер, иако Македонија била оценета како финансиски ризична земја.
Според унгарскиот премиер, договорот за заемот бил склучен со висок степен на тајност, а јавноста во Унгарија дознала за втората транша од 500 милиони евра откако информацијата веќе била објавена од македонската страна.
Маѓар нагласи дека неговата влада нема однапред да носи заклучоци за случајот, туку дека евентуалните неправилности треба да ги утврдат надлежните истражни органи и судството.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












