Протестите во Албанија против изградбата на луксузен туристички комплекс на Џаред Кушнер прераснаа во судири со полицијата, откако демонстрантите се обидоа да ги пробијат безбедносните огради пред зградата на парламентот во Тирана.
Албанската полиција интервенираше со водени топови и солзавец, откако дел од насобраните фрлаа јајца, пластични шишиња и други предмети кон полициските службеници. Станува збор за најсериозната ескалација на протестите што траат речиси два месеци.
Незадоволните граѓани се противат на проектот вреден повеќе милијарди долари, зад кој стои Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Според нив, планираната изградба на туристички комплекс на албанското крајбрежје ќе предизвика непоправлива штета врз заштитените природни подрачја.
Демонстрантите своето движење го нарекуваат „револуција на фламинго“, по птиците што живеат во мочуришната област каде што е планирана изградбата на луксузното одморалиште.
За време на протестот беа упатени и политички пораки. Дел од насобраните извикуваа „Ти благодарам, Трамп, што нè обедини“, додека други побараа оставка од албанскиот премиер Еди Рама, обвинувајќи го за корупција и распродажба на државните природни богатства.
„Тука сум да ја соборам владата. Рама мора да си оди, тој е крадец“, изјавил еден од демонстрантите, додека друг учесник порача дека протестите ќе продолжат сè додека властите не се откажат од проектот.
Од друга страна, премиерот Еди Рама ги отфрли обвинувањата и оцени дека протестите се политички мотивирани и организирани од неговите противници.
Во меѓувреме, случајот доби и правна димензија. Според Ројтерс, албанските обвинители истражуваат сомнежи дека бизнисмен од Мајами, кој продал земјиште на инвеститори поврзани со Кушнер, фалсификувал документација за имотот. Истиот бизнисмен се соочува и со обвиненија за перење пари поврзани со шверц на кокаин, но ги негира сите наводи, додека инвеститорите тврдат дека купопродажбата на земјиштето била законска.
Џаред Кушнер претходно изјави дека идејата за изградба на туристичкиот комплекс ја добил заедно со сопругата Иванка Трамп, додека пловеле со јахта покрај албанскиот брег. Откако започнаа протестите, тој не се огласил јавно.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












