Македонска државјанка (43) е уапсена во Улцињ под сомнение дека со автомобил намерно прегазила и усмртила куче, соопшти Полициската управа на Црна Гора.
Според информациите, станува збор за С.С., која по наредба на Основното државно обвинителство во Улцињ е лишена од слобода и против неа е поведена кривична постапка.
Од полицијата наведуваат дека по настанот осомничената се обидела да ја напушти Црна Гора, но била запрена на граничниот премин Сукобин – Муриќани.
Инцидентот бил пријавен денеска околу 15:15 часот, кога сопственикот на кучето пријавил дека лице кое управувало бел „Мерцедес“ со скопски регистарски таблички намерно го прегазило и усмртило неговото куче на една улица во Улцињ.
Полициските службеници веднаш извршиле увид, го утврдиле идентитетот на возачот и започнале потрага. Околу 16:40 часот осомничената била пронајдена и запрена на заедничкиот граничен премин меѓу Црна Гора и Албанија.
По приведувањето, таа била спроведена во полициските простории, каде што била извршена кривична обработка. Во законски предвидениот рок ќе биде изведена пред надлежниот државен обвинител.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












