Изградбата на автопатот Охрид – Кичево се одвива со засилено темпо, а две од планираните галерии се целосно завршени, додека на третата интензивно се работи. Ова денеска го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при увидот во градежните активности на делницата меѓу Пресека и Кичево.
Според него, паралелно се изведуваат работи на стабилизација на земјиштето, довршување на мостовите и на двете тунелски цевки, со што во следните неколку месеци ќе бидат пуштени во употреба уште 10 километри од автопатот.
Николоски посочи дека осумте галерии на оваа делница претставуваат значаен инженерски зафат, а трите кои се изградени се со вкупна должина од околу 1,1 километар. Дополнително, тунелите на трасата ќе бидат најдолгите во Македонија, со должина од два и 2,1 километар.
Тој нагласи дека изградбата на галериите е најсоодветното решение за стабилизација на теренот и обезбедување безбедно одвивање на сообраќајот.
„Ова беше проект во кој малкумина веруваа, но денес веќе се гледа неговиот крај. Досега во функција се ставени 34 километри, а во следните неколку месеци ќе бидат отворени уште 10 километри од најсложениот дел од трасата, каде што се наоѓаат тунелите и галериите“, изјави Николоски.
Со завршувањето на овие активности се очекува значително подобрување на поврзаноста меѓу Охрид и Кичево и побезбеден сообраќај на оваа важна патна делница.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












