Огромна количина дрвна маса остана зад силното невреме што пред неколку дена го погоди Скопје, а дел од неа веќе се транспортира од различни локации низ градот. Од Град Скопје велат дека дрвјата нема да завршат како отпад, туку ќе бидат искористени за потребите на јавните претпријатија.
По невремето, кое донесе ветер со брзина поголема од 130 километри на час, низ главниот град беа урнати стотици дрвја, оштетени покриви, огради и голем број возила. И четири дена подоцна, на повеќе локации сè уште има паднати стебла, бидејќи расчистувањето се одвива по приоритет.
Најпрво беа отстранети дрвјата што го попречуваа сообраќајот и претставуваа опасност за граѓаните, додека екипите на јавните претпријатија и општинските служби продолжуваат со расчистување на останатите локации.
Првичните информации од Министерството за внатрешни работи говореа за 189 паднати дрвја, но според проценките нивниот број е значително поголем. Најголеми штети беа регистрирани во Градскиот парк, на гробиштата „Бутел“, како и во општините Карпош и Аеродром.
Од Град Скопје информираат дека дрвната маса што се собира по невремето ќе биде складирана и искористена за потребите на јавните претпријатија, а нејзиното транспортирање се врши во согласност со планот за расчистување на последиците од невремето.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












