Движењето ЗНАМ не е дел од власта поради функции и позиции, туку со цел да биде коректив и двигател на општествени промени кои ќе придонесат за подобар живот на граѓаните, порача претседателот на партијата Максим Димитриевски на панел-дискусијата во Прилеп, организирана под мотото „Европско ЗНАМ, за европска иднина и европска Македонија“.
Димитриевски истакна дека партискиот караван има цел преку директна комуникација со граѓаните да ги слушне нивните мислења, критики и предлози, со што ЗНАМ би можел поефикасно да делува како партнер во Владата.
„Кога решивме да бидеме дел од власта, јасно кажавме дека не се бориме за функции, туку за подобрување на животниот стандард и условите за живот на граѓаните. Токму затоа разговараме директно со луѓето, за да ги слушнеме и позитивните и негативните критики и да видиме како можеме уште подобро да придонесеме“, рече Димитриевски.
Тој најави дека во рамки на караванот ќе бидат отворени повеќе теми поврзани со секојдневието на граѓаните, како и со идните активности на партијата во рамки на владејачката коалиција.
Осврнувајќи се на одлуката на советничката од ЗНАМ во Советот на Општина Прилеп да продолжи со независно дејствување, Димитриевски изрази жалење и посочи дека како релативно нов политички субјект, партијата сè уште ги запознава сите луѓе кои се приклучуваат.
Според него, мандатите на советничката и на пратеникот Миле Цеков се резултат на довербата која граѓаните му ја дале на ЗНАМ, па смета дека најморално би било тие да ги вратат мандатите на партијата.
„Граѓаните заслужуваат одговор зошто е донесена таква одлука. Најчесно би било и таа и пратеникот Миле Цеков да го вратат мандатот на партијата, бидејќи тој е добиен преку поддршката што ја имаше ЗНАМ“, изјави Димитриевски.
Тој додаде дека партијата нема да биде оптоварена со ова прашање и ќе продолжи со своите активности и политики.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












