Лубеницата и дињата се омилен избор во летните денови, но многумина ги избегнуваат поради природните шеќери што ги содржат. Сепак, нутриционистите нагласуваат дека и двете овошја можат да бидат дел од здрава и балансирана исхрана, дури и кај лицата кои внимаваат на нивото на шеќер во крвта.
Иако лубеницата има повисок гликемиски индекс, нејзиното гликемиско оптоварување останува ниско бидејќи содржи големо количество вода и релативно малку јаглехидрати во една порција. Дополнително, таа е богат извор на ликопен – моќен антиоксиданс за кој одредени истражувања покажуваат дека може позитивно да влијае врз чувствителноста на инсулин и регулацијата на шеќерот во крвта.
Од друга страна, дињата содржи нешто повеќе растителни влакна, кои ја забавуваат апсорпцијата на шеќерот и придонесуваат за постабилни вредности на гликозата. Таа е и одличен извор на витамин Ц, кој се поврзува со подобра контрола на шеќерот во крвта, иако не претставува терапија сам по себе.
Според експертите, дињата има мала предност поради повисоката содржина на влакна, но разликата не е доволно голема за едното овошје да биде значително подобар избор од другото.
Многу поважно од тоа дали ќе изберете лубеница или диња е количината што ќе ја изедете и начинот на кој ќе ја комбинирате со останатата храна. За да се избегнат нагли осцилации на шеќерот во крвта, се препорачува овошјето да се јаде со намирници богати со протеини, здрави масти или дополнителни растителни влакна, како грчки јогурт, младо сирење, јајца, бадеми или ф’стаци.
Нутриционистите советуваат овошјето да не се исфрла од исхраната поради природните шеќери, бидејќи бројни истражувања покажуваат дека умерената консумација на цело овошје е поврзана со подобра контрола на шеќерот во крвта и помал ризик од развој на дијабетес тип 2.
Препорачаната количина е околу една шолја исечкана лубеница или диња, а најважно е да се почитува умереноста и овошјето да биде дел од разновидна и урамнотежена исхрана.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












