Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), по повод 2 Август – Денот на Републиката – Илинден, упати апел до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Од РСБСП предупредуваат дека за време на продолжениот празничен викенд се очекува значително зголемен интензитет на сообраќајот, особено на патиштата кон туристичките центри како Охрид, Преспа, Дојран, Крушево и Пелинце, како и кон излетничките места и граничните премини.
„Во услови на зголемен сообраќај, внимателното и одговорно однесување е клучно за безбедноста на сите учесници“, порачуваат од Советот.
Во апелот до возачите се нагласува потребата од почитување на ограничувањата на брзината, избегнување управување возило под дејство на алкохол, психоактивни супстанци или во состојба на замор, како и задолжително користење сигурносен појас. За најмалите патници се препорачува превоз исклучиво во соодветни детски седишта.
Дополнително, РСБСП апелира возачите да не користат мобилен телефон за време на возењето, пред патување да ја проверат техничката исправност на возилото, а при подолги релации да прават пауза на секои два часа.
Апел е упатен и до велосипедистите, мотоциклистите, возачите на лесни електрични возила и пешаците да бидат внимателни и да ги почитуваат сообраќајните правила.
„Секое одговорно однесување во сообраќајот значи зачуван човечки живот. Да не дозволиме невнимание или неодговорна одлука да предизвика трагични последици“, порачаа од РСБСП, честитајќи им го празникот на сите граѓани и посакувајќи им безбедно патување.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












